Oд 8-10 ноември 2019 г., во Музејот на Град Скопје се одржа 40-то издание Макинова, Меѓународната изложба за пронајдоци, иновации, нови технологии и производи, технички унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки, младинско-истражувачко и креативно творештво, како и 17-то издание на Еконова, Меѓународна изложба на иновации, пронајдоци и идеи, чија цел е промоција на иновации за подобрување на животната средина.
Како долгогодишни поддржувачи на овој настан, а со цел да ги охрабриме и да им се заблагодариме на младите иноватори кои со своите трудови придонесуваат за развојот на науката и индустријата во земјава, БЕРИН зеде учество во двете манифестации. Дипл.инж.Кристина Чачовска од Одделот за патенти на Агенцијата БЕРИН беше член на жири комисијата , која ги оценуваше експонатите од двете изложби.
Покрај тоа, Берин ги додели и следните традиционални награди:
Награда за најуспешен млад учесник на Макинова 2019, во категоријата на средношколци ја доби Орхан Багашов од Тетово, под менторство на Сабрие Алкин со иновацијата “Бионска рака”, робот-рака изработена со составување на поединечни делови изработени со 3Д печатење, која може да функционира како човечка рака, а чија примена освен во областа на медицината може да најде и во светот на компјутерските игри.

Наградата за најуспешен млад учесник на Еконова 2019, во категоријата средношколци, ја понесе Миланчо Попоски од Прилеп, под менторство на професорот Горан Микулек, со иновацијата “Велосипедски безбедносен елек”, кој дава сигнал доколку се промени насоката на движење, односно ја има функцијата која ја имаат и трепкачите кај автомобилите. Оваа иновација може да најде примена во секојдневниот живот, да го олесни движењето на велосипедистите и придонесе за безбедноста кај сите учесници во сообраќајот.
Особено тешка задача беше да се направи избор и да се одлучи кој да биде награден за својот труд. Навистина сме позитивно изненадени од ентузијазмот, креативноста и трудот кои го покажаа младите учесници, а посебно ни е драго што изнаоѓаат начин за самостојно материјализирање на своите брилијантни идеи, со што го докажуваат големиот потенцијал кој го имаме во нашата земја, а лежи во младешката креативност.
Им посакуваме на сите учесници на Макинова и Еконова многу понатамошни успеси, напредувања, уште многу нови идеи, реализации и да го продолжат патат кој веќе го чекорат.






