Претставник од „Берин“ присуствуваше на 4-та седница на Постојаното советодавно тело за квалитет при ЕПО

На 16 и 17 Октомври 2019г. во Минхен (Германија) се одржа 4-тиот состанок на Постојаното советодавно тело за квалитет при Европската Патентна Организација (ЕПО), на која учество зеде и Богољуб Илиевски од БЕРИН како претставник на Европскиот Патентен Институт (ЕПИ).

За време на овој дводневен состанок, Телото ги прифати извештаите и заклучоците на групите, произлезени од претходниот состанок.

Исто така, на овој состанок престедателот на Европската Патентна Организација (ЕПО), Антонио Кампинос, го претстави Извештајот за “Стратешкиот план 2023”, со посебен осврт на поглавјето број 3 од планот, кое се однесува на зголемување квалитетот на производите и ефикасност на услугите кои оваа организација ги испорачува.

Попладневната сесија од првиот ден беше посветена на консултации во врска со истражувањата на корисничкото задоволството од производите и услугите на ЕПО.

За таа цел беа формирани 5 работни групи со по 5 члена во која претставници од одделот за квалитет на ЕПО можеа детално да ги слушнат видувањата на корисниците за нивните очекувања во врска со квалитетот на производите и услугите и применетите критериуми за нивен квалитет.

Вториот ден, пред членовите на Телото детално беа претставени мислењата на експертската група во врска со квалитетот на процедурата за признавање на Европски патент, која се води пред ЕПО.

Особено детално беше анализиран квалитетот на изготвените Извештаи за пребарување и писмените мислења за критерумите на патентибилност, a се анализираше и текот на процедурата на потполно испитување пред Европскиот Патентен Завод, особено квалитетот на комуникацијата помеѓу испитувачите и патентните застапници.

Советодавното тело при ЕПО брои 23 членови (по два члена од асоцијациите на професионални патентни застапници од Европа, Азија и САД, како и претставници на патентните оддели на големи индустриски компании како Шел, Сименс, Рикох, Електролукс итн.).

Европскиот Патентен Завод беше претставен од 12-члена делегација на чело со претседателот Антонио Кампинос и директорот на оделот за квалитет, Никлас Мори. Исто така, составот на ова тело, специјално за овој состанок беше надополнето со 14-члена експертска делегација составена од врвни патентни застапници.

Телото ја заврши работата со закажување на нова седница во Октомври следната година, што ќе се одржи исто така во Минхен.