АГЕНЦИЈАТА “БЕРИН” НA “INTELLECTUAL PROPERTY SERVICE WORLD 2018” ВО МИНХЕН

Дипл. инж. Ванчо Дамјански, европски и македонски патентен застапник, извршен директор на Агенцијата за интелектуална сопственост БЕРИН и дипл. инж. Богољуб Илиевски, европски и македонски патентен застапник и шеф на Одделот за патенти, учествуваа на Европската конференција и на Саемот на услуги од областа на индустриската сопственост “IP SERVICE WORLD 2018” (26-27.11.2018), кои по 9ти пат се одржаа во Минхен, седиште на Европската патентна организација и на Германскиот завод за патенти и марки. Претставниците на БЕРИН присуствуваа на 60 предавања, панели и тркалезни маси. Тие имаа прилика да ги слушнат и да се сретнат со Steve Gong (Google), Belinda Gascoyne (IBM), Michael Gollwitzer (Siemens), B.Josuhn-Kadner (General Electric), Markus Bedenbecker (BMW), Benjamin Paul (Osram) и со многу други корисници на услуги и еминентни експерти од областа на индустриската сопственост.

На конференцијата учествуваа 550 патентни застапници, кои разменуваа искуства на теми од индустриската сопственост и поврзаноста со иновациите, индустриските трендови, софтверски решенија, блокчејн, вештачката интелигенција и менаџментот на интелектуалната сопственост. На Саемот за услуги во индустриска сопственост своите капацитети ги претставија 75 изложувачи од 55 земји од светот. БЕРИН настапи на самостоен штанд, преку презентации и разговори запознавајќи ги посетителите на саемот и учесниците на конференцијата со услугите што ги пружа во областа на патентите, трговските марки и индустрискиот дизајн. Дамјански и Илиевски реализираа десетина средби со претставници на повеќе компании корисници, но и со провајдери на услуги во областа на индустриската сопственост. Особена чест на БЕРИН му направи директорот на Google, одговорен за патенти, Стив Гонг, кој го посети штандот на компанијата и се задржа на ручек и разговор за предизвиците што ја очекуваат интелектуалната сопственост во блиска иднина. Агенцијата БЕРИН беше единствен претставник на саемот од регионот на Југоисточна Европа.