М-р Марија Ќосеска, диа, европски патентен застапник, амб. проф. д-р Ѓорѓи Филипов, европски патентен застапник и Лилјана Филипова, дипл. инж, европски патентен застапник учествуваа во работата на 85. Совет на европските патентни застапници, кој што се одржа во Хелсинки, Финска во периодот од 9-11 ноември 2018 г.
Во работата на советот учествуваа околу 200 застапници од 38те земји потписнички на Европската патентна конвенција. Првиот ден беше одржан семинар на тема „Најновиот развој во Европската патентна организација”, иницирана по отпочнување на мандатот на новиот претседател на ЕПО, Антонио Кампинос. Невообичаено, на семинарот присуствуваа речиси сите делегати.
Вториот ден беше посветен на работните извештаи поднесувани од претседавачот на Бордот, на генералниот секретар, на надлежниот за трезорот и на Комитетите за интерен аудит, за епи-финансии, за буџет, за ЕРРС, за ОСС, за By-Law, за ЕПО финансии, за дисциплина и за хармонизација. Претходно беше погледнато видео-обраќање на претседателот на ЕПО, Кампинос, а по секој поднесен извештај се поставуваа прашања или се коментираше изложеното. На крајот од работниот дел се одржа расправа на тема „Иднината на нашата (патентна) професија”, кадешто се дебатираше околу улогата на вештачката интелегенција во пронаоѓаштвото и во професијата на патентните застапници (ќе може ли робот да биде пронаоѓач или носител на право на патент), но и околу „жешката тема” – мал број на патентите пријави од земјите кои се приклучија на Европската патентна организација подоцна од земјите основачи (со исклучок на Словенија) после 2000 година.
На 11 ноември 2018г., за делегатите беше организирана екскурзија со цел основно запознавање на културно-историските и техничко-технолошките достигнувања на Финска. Договорено е следната средба да се одржи во Софија, во март 2019г.
