На 6 и 7 Мај 2022 се одржа 92—ти состанок на Советот на Европскиот Патентен Институт (ЕПИ). По две и пол години и четири видео конференции, состанокот на советот овојпат се одржа како физичка средба во градот на патентите Минхен (Германија). На состанокот присуствуваа вкупно 120 од вкупно 13.500 европски патентни застапници од 38 земји, меѓу нив и Марија Ќосеска, раководител на оделението за трговски марки и индустриски дизајн во БЕРИН доо и Богољуб Илиевски, раководител на оделението за патенти во БЕРИН доо.
Дента, пред одржувањето на состанокот на Советот, Богољуб Илиевски, во својство на потпретседател на Европскиот Патентен Институт (ЕПИ) учествуваше на работниот состанок и неформална вечера на президиумот со Извршната директорка на ЕПИ Татјана Лисак како и на официјалниот состанок на членовите на Президиумот кој се одржа следниот ден во претпладневните часови.
На работата на Советот претходеше семинар со назив “Доктрина на еквивалентност кај патентите”. Делегатите на советот ги усвоија извештаите на претседателот и потпретседателите на ЕПИ, на генералниот секретар, на внатрешните ревизори и на чуварот на трезорот. Исто така, со големо мнозинство беа изгласани измени во законот за избор на членови на работни комитети на институтот како и измени во кодексот на однесување на европските патентни застапници предложени од страна на комитетот за професионално однесување во чија работа учествуваше и Марија Ќосеска. Дебатите продолжија на заедничката вечера на делегатите на советот, проследена со вкусни Баварски специјалитети, а претставниците од Берин не ја пропуштија можноста да ги зацврстат старите пријателства и деловни врски и да отворат нови.
