26 АПРИЛ – ДЕН НА ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА СОПСТВЕНОСТ. ДА ИМ ПОМАГАМЕ НА МАЛИТЕ БИЗНИСИ ДА НАПРЕДУВААТ!

Во 1440г.  Германецот Јоханес Гутенбер ја пронашол машината за печатење. Тој настан претставувал искра која го потпалила огинот на интересот за заштита на правата на пронајдувачите и авторите воопшто.  Во 1469г. Владата на Венеција му дала ексклузивно право на Џон од Спејер, првиот печатар, само тој да смее да „печати писма“. Набргу потоа, во 1474г., е донесен Венецијанскиот закон,  кој се смета за прв систематски пристап кон заштита на пронајдок во форма на патент, со давање ексклузивно право на пронајдувачот да располага со придобивките од неговото користење. Англискиот закон за монополите од 1624г. е прв закон кој обезбедува монопол врз еден пронајдок со ограничено време на траење. Во 1710г. во Велика Британија е донесен Законот на Ана, со кој правото на печатење книги се проширува и на авторите, а не само на печатарите.  Зборовите пронајдок и  патент  за првпат се среќаваат во еден устав во 1788. Имено, во Уставот на САД од таа година се зборува за пронајдоци и ексклузивни права за творците. Тоа е преточено во првиот Закон за патенти во 1790г. Веднаш потоа, како резултат на Француската буржоаска револуција, во Франција 1791г. е донесен првиот закон за патенти. Во 1877г. Германија го донесува првиот закон за патенти во кои се дефинирани прецизно условите за доделување на право на патент. 

Одбивањето на голем број пронајдувачи да дојдат на првата светска изложба на пронајдоци во Виена во 1873г., поради непостоење на меѓународен систем на заштита на пронајдоците иницираше потпишување на Париската конвенција за заштита на индустриската сопственост (1883г). Ја потпишале само 12 земји, меѓу кои и младото Кралство Србија. Со конвенцијата на сопствениците на патенти им се гарантираат истите права на сите територии на кои тие сакаат да им бидат штитени. Под индустриска сопственост се подразбира сопственоста над правата на патенти, трговски марки, индустрискиот дизајн и географските називи. Од слични причини, заради гарантирање на авторските права во различни држави, три години подоцна, во 1886г. е склучена Бернската конвенција за заштита на книжевните и уметничките дела. Тука спаѓаат делата во областа на литературата, науката, делата на сликарите, изведувачите, фонограмите, емисиите… Делата кои спаѓаат во индустриска сопственост и авторските и сродните дела заеднички се нарекуваат интелектуална сопственост. 

Париската и Бернската конвенција се основа, а денес постојат повеќе од педесет меѓународни конвенции и договори, кои ja допрецизираат заштитата согласно напредокот во научниот, технолошкиот и уметничкиот развој на човештвото. Нивното администрирање го спроведува најчесто Светската организација за интелектуална сопственост – СОИС (World Intellectual Property Organization – WIPO). 

На 24.04.1992г, Министерството за развој на Република Македонија, ги презема надлежностите во врска со заштитата на индустриската сопственост и од тој датум почнаа да се поднесуваат пријави за заштита на индустриската сопственост. Македонскиот Закон за заштита на индустриска сопственост стапи на сила на 15.07.1993, но Република Македонија се смета за членка на СОИС под 08.09.1991г. Прв директор на Заводот за заштита на индустриска сопственост е именуван 26.11.1993г, после што, на 01.12.1993г. е основан Заводот за заштита на индустриската сопственост. Подоцна, Заводот го менува називот во Биро за заштита на ИС, а подоцна во Државен завод за индустриска сопственост. 

Годинава Светската организација WIPO го слави Денот на ИС со мотото: „Helping Smaller Businesses Thrive!” (Да им помагаме на малите бисниси да напредуваат!)

Честит да ни е Денот на интелектуалната сопственост – 26 Април!