БЕРИН учествуваше на INTA 2017

Во Барселона (Шпанија), од 20-24 мај 2017 се одржа 139 Годишно собрание на Светската организација за трговски марки ИНТА 2017 на која учествуваат околу 11.000 застапници за патенти и трговски марки од целиот свет. На Собранието учествува и Агенцијата за интелектуална сопственост БЕРИН со четворица претставници и еден соработник: проф. д-р Ѓорѓи Филипов, основач, дипл. инж. Лилјана Филипова, ко-основач, дипл. инж. Ванчо Дамјански, извршен директор и м-р Марија Ќосеска дипл. инж., раководител на одделот за трговски марки. Во организацијата беа вклучени и Маја Дамјанска, дипл. психолог, советник за издателство и комуникации од Скопје и м-р Иван Иванов, од ИП консалтинг, соработник од Софија. БЕРИН на 22 мај 2017г. спроведе семинар-работилница наменет за партнерите од Кина и останатите земји на Далечниот Исток.

На отворањето на Собранието говореа Главниот извршен директор на ИНТА , Етиен Санз де Анедо, претседателот на ИНТА, Жосеф Ферети од Пепси Ко., како и членовите на Проектниот тим на годинашново собрание: Јомари Б. Фредерикс , од Ротари интернешенал инк. (САД) и Слободан Петошевиќ од Луксембург. Главен говорник беше министерот за образование, култура и спорт и спикер на Владата на Шпанија, д-р Иниго Мендез де Виго. Сите говорници дадоа свое видување на натамошниот развој на Асоцијацијата и дискутираа околу влиjанието на ИНТА на индустријата поврзана со интелектуалната сопственост (само вредноста на сите светски патенти се проценува на околу 2,3 трилиони долари). Министерот Де Виго се осврна на значењето на ИС во насока на заштита, дисеминација и промоција на историското наследство на Шпанија и соработката во областа на културата, одржување на државните музеи, уметничките творби, државните библиотеки и книгите, останатите литературни креации, како и филмот и другите видови аудиовизуелни активности.

После излагањето проф. Филипов се поздрави со министерот Де Виго и изрази благодарност за организацијата на настанот и напорите што ги вложува Шпанија во заштитата и промоцијата на ИС. На Семинарот на Берин покрај, Филипов, Дамјански и Ќосеска со предавања настапија и м-р Младен Вукмир од „Вукмир и партнери”, (Хрватска) и м-р Аглика Иванова од „ИП консалтинг”, (Бугарија). Агенцијата за ИС Берин им благодари на сите предавачи и учесници на Семинарот.