Агенцијата и оваа година активно учествуваше на сите настани поврзани со пронајдувачите и пронаоѓаштвото, заштитата на индустрискиот дизајн и пронајдоците со право на патент, коишто се одвиваа за време на МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2018, организирани од Народна техника на Македонија и Сојузот на пронајдувачи и автори на технички унапредувања на Македонија (СПАТУМ). Имено, член на Комисијата за оценување на пронајдоците беше дипл.инж. Ванчо Дамјански, извршен директор на компанијата, македонски и европски патентен застапник, делегат и член на Дисциплинаската комисија на Европскиот патентен институт во Минхен.
Евгенија Дивитарова од СОТУ „Ѓорѓи Наумов” од Битола за пронајдокот “CNC машина за гравирање со ласер” (МАКИНОВА) и Нада Бакаловска од ОСУ „Ацо Русковски”, од Берово за пронајдокот “Маст за изгореници” (ЕКОНОВА) се добитнички на традиционалните парични награди со дипломи (златени медаљи за младинско творештво), што ги доделува Агенцијата за интелектуална сопственост „Берин”.
Наградите на младите пронајдувачки им ги додели заменик директоррот на „Берин”, дипл. инж. Богољуб Илиевски, европски и македонски патентен застапник, делегат во Советот на Европскиот патентен институт во Минхен. Берин им честита на наградените и ги очекува со нивни нови проекти кандидати за македонски и европски патенти.
Основачот на компанијата „Берин”, амбасадорот проф. д-р Ѓорѓи Филипов, претседател на Сојузот на пронајдувачи на Македонија (СПАТУМ) од 2000та до 2005та година одржа предавање на тема „Цели на пронаоѓаштвото и актуелни состојби со патентите во информатичко-комуникациските технологии”. Предавањето беше посветено на јубилеите „70 години Народна техника” и „60 години на Сојузот на пронајдувачи и автори на технички унапредувања на Македонија (СПАТУМ)”. Д-р Ѓорѓи Филипов се задржа неколку часа во разгледување на изложените пронајдоци, во друштво со пронајдувачите и членовите на Комисијата за оценка, како и со дел од менаџментот на Народна техника на Македонија, претседателот, Зоран Тодоров и Пере Митрев.
