АГЕНЦИЈАТА „БЕРИН“ НА 11.КОНВЕНЦИЈА ЗА ИНТЕЛЕКТУАЛНА СОПСТВЕНОСТ ВО МИНХЕН

На 11-тата Конвенција и саем за интелектуална сопственост (ИС) којашто се одржа од 21-24 Ноември 2021 во Минхен (Германија) учествуваше и Агенцијата „Берин“ со двајца претставници, проф. д-р Ѓорѓи Филипов, ЕП и МК патентен застапник и дипл. инж. Кристина Чачовска, МК патентен застапник. Конвенцијата се одржа во согласност со мерките против ширење на Ковид-19. На 75 изложбени штанда и во три сали за панелни сесии, учествуваа околу 650 колеги од 55 држави, од кои што 350 на самото место на настанот, а останатите онлајн. Над 30 говорници говореа на паралелни панелни, а се одржаа и повеќе од 20 сесии на тркалезни маси.

Теми за обработка беа: „Зајакнување на иновациската култура“, „Кооперациски договори – колаборација меѓу конкурентите“, „Патентирање на вештачка интелигенција”, “Технолошко набљудување во деверзифицирана глобална економија“, „Не-патентната литература – скриен трезор“, „Употреба на машинско учење и вештачка интелигенција при патентно пребарување и категоризација“, „Трансформација на ИС во деловен успех“, „Патентните, научните и деловните бази на податоци, асистент при стратешко одлучување“, „Состојба на техниката кај услугите за ИС: Технолошки разлики“, „Иднината на ИС“ и многу други. Претставниците на „Берин“ беа едни од ретките од регионот на Југоисточна Европа.

На панелната сесија „Нова парадигма за нова декада: „Интегриран менаџмент за животниот циклус на ИС“ и на тркалезна маса „End-to-End IP Management – an Insight into Integrations, APIs and Cloud Based Blended Analytics”, со свој устен прилог (интервенција) учествуваше и проф. Филипов. Во првата сесија, тој го нагласи фактот дека интересот за дополнителниот (SPC) сертификат рапидно расте, оттаму и софтверот за менаџмент на животниот циклус на ИС треба да претрпи измени во квадрантот „Ниска атрактивност на технолошкото подрачје/ Дотраеност на заштитата“ на патентите, коишто би требало да бидат напуштени во случај да се од областа „фармација“.

Во втората сесија, Филипов ја нагласи потребата од давање време за трансформација на IP софтверот за менаџмент во класична смисла (сопствен сервер, компјутер, CD или USB) и инсистирањето на инженерите од најновата генерација, се да биде базирано на Cloud (Google, Amazon, Microsoft и т.н.). Тој смета дека треба за почеток да се користи хибриден облак (cloud), каде што се дозволува зачувување на одредени (за фирмата и нејзините клиенти значајни) податоци во своја физичка ИТ инфраструктура, истовремено користејќи ги услугите на јавните „облаци“, споменати претходно.

На Конвенцијата учествуваа директори за ИС од BMW, Siemens, Vodafone, CeramTec, Infineon Technologies, Philips, Rheinmetall ABP, Hitachi, Atlas Copco, Danish Patent And Trademark Office, Nordic Patent Institute, Swiss Federal Institute of IP, Hoffman-La Roche и други компании, како и претставници на најголемите IP фирми во светот (Clarivate, Dennemeyer, Questel). Украс на настанот беше настапот на г-ѓата Ellen Lohr, натпреварувачка со брзи коли, учесничка на Rally Dakar, поранешен DTM шампион на Германија, која говореше на тема „Успешно справување со перманентни кризи“, алудирајќи на кризата во која сме принудени да работиме сите, па и ние во областа на ИС повторувајќи го често исказот – „Успехот не е случаен производ“.