АГЕНЦИЈАТА „БЕРИН” НА 84ти СОВЕТ НА ЕВРОПСКИОТ ПАТЕНТЕН ИНСТИТУТ ВО МАЛТА

Делегација на Агенцијата за интелектуална сопственост „Берин” во состав м-р Марија Ќосеска и дипл. инж. Богољуб Илиевски учествуваше во работата нa 84. Совет на Европскиот патентен институт (ЕПИ), што се одржа во Валета (МАЛТА) од 13-14 април 2018г. Инаку, Агенцијата Берин, во Европскиот Патентен Институт е претставена во четири комитети: Комитет за професионално спроведување (м-р Марија Ќосеска),  Комитетот за европска патентна пракса (Богољуб Илиевски), Комитет за дисциплинска постапка (Ванчо Дамјански) и Комитет за ЕПО-финансии (проф. д-р Ѓорѓи Филипов).

Во рамките на Советот се одржа и прослава по повод 40 години од основањето на институот каде што како гости учествуваа и претседателот на Европската Патентна Организација, г-дин Беноа Батистели заедно со тројцата потпретседатели на оваа организација. Во пригодниот говор, тој ја истакна улогата на ЕПИ како директен корисник на производите и услугите кои ЕПО ги нуди. Говор на прославата одржа и претседателот на ЕПИ, г-дин Францис Лајдер кој ја истакна важноста на ЕПИ како корективно тело на работата на ЕПО и во развојот на Европскиот патентен систем.

Во текот на работата на Советот, извештаи поднесоа претседателите на сите комитети а се разгледуваше и предлогот за креирање на платформа на интернет страницата на институот кадешто поискусните членови на институтот ќе нудат бесплатни совети на своите колеги во однос на техничката и правната процедура при застапување во постапката за признавање на Европски патент. 

Дводневната работа и дружењето со останатите 150тина колеги, кои ги претставуваа 12.500 патентни застапници од земјите потписнички на Европската патентна конвенција претставуваше вистинска можност за размена на искуства и идеи за натамошниот развој на Европскиот патентен институт и соработката на застапниците во рамките на нивните надлежности, како со колегите, така и со нивните деловни партнери.